Сведоштво од Боро Чушкар (Борис Чушкаров), првоборец и македонски писател, за настаните од 1944-та и ослободувањето на Скопје.

Неговиот запис, за тоа дека бугарската окупаторска војска сакала да парадира заедно со македонската војска која се борела против истата, го објавуваме подолу:

„Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше – генерал мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон.

Отидов и го прашав: „Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Македонија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви ја е..м мајката фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно бугарско, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!?

Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја „ослободувате Македонија”!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви е..м мајката! Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе им наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема!“, му реков нему, а кога завршив, видов дека сè уште го држам за градите како детска играчка.

Тој цело време трепереше како штиклица. На крајот, сепак, отсечно рече „Јасно другар. Но јас не сум виновен. Таква наредба добив“.
Тогаш јас повторно викнав „Да им е..м мајката на оние што ти дале наредба за ова. Наредби они можат да дадат за изведување вежби во касарните каде ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот. За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија. Дали сега ти е јасно?“, го прашав.
„Сичко ми е јасно“, рече тој. Тогаш тој престрашен генерал со сув глас нареди круг на лево, и се вратија.

…….

Боро Чушкар (Борис Чушкаров) е роден во Куманово на 28 јануари 1916 година, а починал во Скопје на 19 септември 1982 година. Тој е првоборец, писател, драматург, политички раководител во НОАВМ и полициски генерал-мајор.

Завршил учителска школа. Како студент на Филозофскиот факултет во Скопје, во демонстрациите за одбрана на Чехословачка (септември 1938), Боро Чушкар бил уапсен, а подоцна и интерниран во Билеќа (јануари 1940). Бил член на КПЈ (1940), а во НОАВМ – политички комесар на Третата македонска НОУБ, на Четириесет и втората македонска дивизија и на Петнаесеттиот македонски корпус на НОВЈ.

По Ослободувањето Боро Чушкар бил на разни функции, народен пратеник, секретар на Републичкиот совет на Народното собрание на НРМ, член на Централниот одбор на СЗБ од НОВЈ и др.

Автор е на повеќе публицистички и историографски дела и остави обемни мемоари. Носител е на „Партизанска споменица 1941“.

(Подготвил: Д. Г.)