Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа средба со работните групи на претставници на МВР и ОБСЕ, кои ќе работат на прашања поврзани со реформите во полицијата односно стратегијата за управување со човековите ресурси, изготвување на стратегија за вклучување на заедницата и стратегија за комуникација, ревидирање на дисциплинските постапки во МВР и стратегија за развој на Центарот за полициска обука.
Како што соопшти МВР, Спасовски на средбата информирал дека македонската полиција е во интензивен период на коренити реформи во речиси сите области од нејзиното функционирање и дека тој процес е неопходен и суштински, од аспект на воспоставување на поквалитетни вредности, професионални, стручни и нормативни стандарди и критериуми во работењето на организационите единици на министерството.
-Особено е важно што и овој пат ја имаме целосната поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје, чиј што досегашен ангажман во низата заеднички проекти, пред се во рамки на Министерството за внатрешни работи, ни дава за право искрено да веруваме дека и сега, заеднички, ќе направиме квалитетна основа за натамошното реформирање и развој на нашата полиција во современа, мобилна, транспарентна, стручно и професионално оспособена институција која што ќе биде достоен и кредибилен сервис на сите наши граѓани, рече, меѓу другото, министерот Спасовски.