Од Белата куќа синоќа го потврдија фактот дека Украинците добиле дозвола да користат американски ракети ATACMS за удари во руска територија. Потврдата е од Џон Кирби, претставник на Советот за национална безбедност.

-Моментално, Украина ги користи ATACMS за заштита во случаи на итна потреба. Ова се случува, меѓу другото и во Курската област. Ќе им дозволам на Украинците самите да се изјаснат за користењето на ATACMS, за целите и за ефективноста… Ние, секако, им дадовме насоки за да можат да ги користат овие ракети за да погодуваат одредени типови цели, рече Кирби во одговор на прашање на новинар дека администрацијата на Џо Бајден претходно предупредиле дека користењето на ракетите ATACMS од страна на Украинците за удари длабоко во руска територија може да доведе до ескалација од страна на Кремљ.

На прашање за новите закани од Русија кон Полска и новата база за противракетна одбрана во Редзиково, што Москва ја стави на списокот на приоритетни цели за напади во случај на заострување на ситуацијата, Кирби рече: „Ги видовме овие изјави. Очигледно, ваквите закани треба да се сфатат сериозно, и ние така и постапуваме, иако тие се неодговорни и неразумни.“

-Претседателот Бајден останува непоколеблив во својата одлука: правиме сѐ што е потребно нашите трупи на европскиот континент да бидат безбедни. Не помалку важно е тоа што ние крајно сериозно ги сфаќаме нашите обврски според Членот 5 пред сојузниците во НАТО. Тие обврски се нераскинливи и тоа нема да се промени, изјави Кирби.

Американската база за противракетна одбрана  во полското село Редзиково, на 165 км од границата со руската енклава Калининград, е дел од системот Aegis Ashore и е наменета за пресретнување на балистички ракети со среден и помал домет. Опремена е со радар AN/SPY-1, лансери Mk 41 VLS и ракети-пресретнувачи SM-3.

Првично, изградбата на базата беше планирана за заштита од потенцијални ракетни закани од Иран. Меѓутоа, во ноември 2024 година, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, призна дека во актуелните геополитички услови базата е насочена за спротивставување на Русија.

Москва изрази загриженост за распоредувањето на противракетната база во близина на нејзините граници, и ја смета како потенцијална закана за националната безбедност. Официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека  базата во Редзиково „влегува во приоритетните цели на руските вооружени сили.“