На 27 ноември 1890 година, балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес „Тарту“) во Естонија.
Како што објави Нова Македонија, младиот студент Леонард Мазинг дошол во Тарту (Дорпат) да студира теологија, но не тргнал по стапките на татка си и не станал свештеник, туку филолог. Неговиот татко Карл Јоханес Мазинг како свештеник служел во Лутеранската (протестантска) црква, па името Македонија не им било туѓо или непознато, се разбира од мисијата на апостол Павле во Македонија и христијанизацијата на европскиот континент.
Клучна улога во запознавањето со Македонија, како што Леонард Мазинг пишува во својата докторска дисертација, имале двајца Македонци што Мазинг ги запознал во текот на неговите студии во Лајпциг и во Петроград (Санкт Петербург).
Во Лајпциг, во 1886 година се сретнал и извесно време другарувал со велешанецот Иван Ѓоргов, кој го запознал со состојбите во Македонија, јазикот, обичаите, историјата… Во Петроград, пак, го запознал Димитар Топеничаров, кој по потекло бил од Охрид.
Мазинг бил фасциниран од Македонија и не само што одбрал да докторира на тема за македонскиот јазик туку напишал и многубројни забелешки од неговите истражувања за историјата и етнологијата на Македонија, ставајќи ги во посебни одредници каде што незаобиколно ги спомнува Македонската Империја, кралевите Каран, Пердика, Филип и Александар…
Опширен текст може да прочитате ТУКА.