Скопје повторно остана без приватни автобуси. Превозниците се лути оти нивното барање за повисока цена за изминат километар пак не се најде пред градските советници. Иницијативата стигнала доцна, па претседателот на Советот на градот немал време да ја прати на мислење кај градоначалничката Данела Арсовска.
-Во оној момент кога ќе стигне мислење од Градоначалник, на следната наредна седница иницијативата ќе биде предложена на дневен ред. Ако не стигне мислење во рок од 30 дена ќе ја ставиме иницијативата на дневен ред без мислење, вели Трајко Славески, претседател на Совет на Град Скопје.
Веднаш по ова, приватниците експресно брзо се исклучија од сите линии и свирејќи поминуваа крај бараките каде се одржуваше седницата.
-Платени сме преку ЈСП, ЈСП не ни дава пари, Градот ни вика мора да работите и врзани ни се рацете. Град Скопје ќе остане тотално без превоз. Упатуваме последен апел – веќе немаме финансиски средства да продолжиме да работиме, вели Влатко Тодоровски, приватен превозник.
-Ќе видиме што ќе кажат, треба да го земеме предвид мислењето и на останатите превозници. Не можеме сами да одлучиме за таа работа, но не исклучуваме. Доколку не се реши, не исклучуваме и тоа да се случи, вели Јовица Зафировски, приватен превозник.
Се пожалија и дека повторно има наталожен долг.
-Од петти месец не е платено. Кај мене должи уште 4 милиони и 900 илјади за петти месец. Како ќе го опслужиш градот?, прашува Мемет Асани, приватен превозник.
Приватните превозници се дел од јавниот превоз затоа што ЈСП нема доволно автобуси и возачи и не може да ги одржува сите линии низ брадот. Нивното исклучување дополнително ќе го влоши јавниот превоз во Скопје во период кога автобусите на ЈСП ги трошат и последните количини нафта од државните резерви.