На министерското место во образование и наука дојде како професионалец од фелата, професор кој ги знае сите предности и слабости на секторот. Бројни приоритети, многу работа и планови, како и нов закон, но и одредени пречки за нивно брзо остварување.

Со министерката за образование и наука Весна Јаневска разговаравме за сето ова, но и за најактуелните случаи кои одекнаа во јавноста.

-Многу приоритети имаме за жал, тоа не е добра вест. Убаво би било кога би биле помалку проблеми со кои треба да се справуваме. Како професор во високото образование го знаев проблемите во високото образование, но како претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, повеќе години се запознавав со проблемите во другите нивоа на образование. Од лично искуство и од искуство на околината увидов дека навистина имаме многу сериозни проблеми во образовниот систем, кои де факто е еден од столбовите на општеството и доколку тој не се среди ние никогаш не можеме да дојдеме до добро организирано општество кое ќе може да одговори на сите потреби на една држава. Поривот беше алтруистички затоа што нашите млади луѓе, нашите деца и сите ние заслужуваме да имаме подобро општество, а тоа може да се направи само преку добар образовен систем, рече министерката.

Една од првите мерки кои ги спроведе беше враќањето на историјата како посебен предмет и тоа се соочи со бројни позитивни реакции. Зошто беше важно да се застане на патот на нечија идеја децата да не ја учат македонската историја?

-Не можам да објаснам идејата со кои пориви била донесена, но веднаш после примената на обединетите предмети стана јасно дека тоа во Македонија  првично не е изводливо од повеќе причини: немаме соодветен кадар, од реакциите на стручната фела, реакциите на родителите и се разбира тука имаше и еден политички момент заради кој претходната Влада мораше сериозно да размисли пред да предложи интегрирање на предметите. Моментот го надминавме и она што навистина требаше да се направи за да им овозможиме на децата и наставниците подобро да се одвива образовниот процес, предметите мораше да се раздвојат и на мое големо задоволство гледам дека тоа наиде на широко одобрување што значи дека и наставниците ќе бидат помирни за да го спроведуваат поучувањето, децата полесно ќе учат, се разбира и родителите ќе бидат позадоволни. Задоволството на факторите вклучени во образовниот систем е важно за да може образовниот процес непречено да се одвива, вели Јаневска за КУРИР.

Целото интервју во КУРИР.