ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ФРАНЦИЈА И БЕЛГИЈА ПОПУСТО ПРОТЕСТИРАА: ЕУ ќе увезува храна од Јужна Америка

/ 06.12.2024

Европската унија и организацијата на јужноамериканските земји Меркосур денеска на самитот во Монтевидео постигнаа договор за слободна трговија на кој се спротивстави Франција.

Европската унија и организацијата на јужноамериканските земји Меркосур денеска на самитот во Монтевидео постигнаа договор за слободна трговија на кој се спротивстави Франција, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овој договор го означи како „победа на Европа“.

Според неа, со новиот договор на европските компании ќе им се заштедат четири милијарди евра годишно, кои досега плаќаа царини при извоз во земјите на Меркосур.

Договорот треба да биде одобрен од членките на Европската унија, што ќе биде многу тешко со оглед на силното противење на Франција и некои други земји, пренесува Ројтерс.

Франција го оцени договорот меѓу Европската унија и Меркосур како „неприфатлив“ и повтори дека ќе се спротивстави, наведувајќи дека ќе има поддршка и од Италија.

Во Франција денеска земјоделците организираа демонстрации против усвојувањето на договорот со Меркосур, додека во Белгија вчера земјоделците блокираа патишта.

Другите земји-членки, вклучително и Германија и Шпанија, сметаат дека таков договор е од витално значење за ЕУ, за која велат дека треба да ја диверзифицира својата трговија.

Земјите кои го поддржуваат договорот го гледаат Меркосур како добар пазар за автомобили, машини и хемикалии во ЕУ и потенцијално сигурен извор на критични минерали како што е литиумот, за кој веруваат дека ќе имаат корист и за европските земјоделци.

Земјоделците од ЕУ не го делат тој оптимизам и постојано протестираа против договорот, тврдејќи дека тоа ќе доведе до евтин увоз на јужноамерикански стоки во Европската унија кои не ги исполнуваат високите стандарди.

Трговскиот договор ЕУ-Меркосур ќе бара одобрение од 15 од 27-те членки на ЕУ кои претставуваат 65 отсто од населението на Европската унија, како и просто мнозинство гласови во Европскиот парламент.


Од истата категорија