Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 ноември.

Денеска е Св. маченик Парамон и други маченици.

Свети Парамон и другите 370 маченици пострадаа во текот на едно од најжестоките гонења на христијаните од римската власт, во времето на императорот Декиј (249-251). Во Малоазиска Витинија, некој си кнез Аквилин одведе врзани 370 христијани во храмот на Посејдон и ги принудуваше да му се поклонат на идолот, во спротивно заканувајќи им се со смртна казна.

Покрај местото поминуваше некој чесен маж Парамон. Кога виде што станува, јавно го прекори безумството на кнезот. Овој се разгневи и го погуби чесниот Парамон, а по него и сите 370 христијани.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Ивана Франциска.

Се родила во Дион во 1572 година. Нејзиниот татко, Бенињус Фримијот бил претседател на Бургундскиот парламент. Како млада, Франциска се омажила за баронот де Чантал. Била добра жена и мајка, која родила шест деца. Кога имала 29 години, нејзинот маж загинал додека бил на лов.

Потоа, таа се заколнала дека, повторно нема да се мажи. Во 1610 година Франциска станала милосрдна сестра, која собрала сили да му прости на убиецот на нејзиниот маж, на чие дете му станала кума на крштевката. Света Франциска како милосрдна сестра им се посветила на болните и сиромашните.