Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски престојува во дводневна работна посета на Брисел каде што ќе има средби со потпретседателката на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, со премиерот на Кралството Шпанија Педро Санчез и со премиерот на Полска, Доналд Туск, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани ќе присуствуваат на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел на кој за прв пат ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

На Самитот ќе се разговара за натамошната интеграција на регионот преку Планот за раст, како и за надворешни, безбедносни и миграциски прашања.

Исто така, претседателот на Владата Мицкоски ќе учествува на Самитот на Европската народна партија.

Самитот на EУи Западен Балкан се одржува од 2018 година на инцијатива на тогашниот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, а последниот се одржа во Брисел во декември 2023 година.

Со денешниот самит ЕУ-Западен Балкан за првпат ќе претседава новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, а покрај лидерите од регионот на состанокот ќе присуствува и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Главни теми ќе бидат натамошната интеграција на Западен Балкан во ЕУ, спроведувањето на Планот за раст, продлабочување на политичкиот ангажман на ЕУ со Западен Балкан во повеќе области – надворешната и безбедносната политика, зајакнувањето на отпорноста на регионот и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, зајакнувањето на безбедноста и одбраната, одговорот на хибридните и сајбер закани, продлабочување на соработката во управувањето со миграцијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Најавувајќи го самитот, од Европскиот совет посочија дека тоа е можност да се продолжи новиот моментум за стратешко партнерство меѓу ЕУ и регионот, како и за размена на идеи за тоа како да се продлабочи тоа партнерство и заедно да се напредува кон ЕУ.

Самитот ЕУ-Западен Балкан почнува попладне по 17 часот, а Кошта и Фон дер Лајен треба да одржат прес-конференција околу 19 и 30 часот. По 20 часот ќе се одржи работна вечера, на која лидерите ќе разговараат за геополитичкиот контекст и предизвиците што ги засегаат ЕУ и Западен Балкан. На крајот од самитот лидерите од ЕУ и од Западен Балкан треба да усвојат заедничка декларација во која, според медиумски увиди во нацрт-документот, би било наведено дека постои нова динамика на проширувањето и дека процесот на пристапување ќе биде забрзан, но врз основа на резултати. Лидерите ќе бидат повикани да ги спроведуваат темелните вредности и принципи на ЕУ, особено со основните права и владеење на правото, за усогласување на надворешната и безбедносната политика на земјите од регионот со онаа на ЕУ, а ќе се повика и на јакнење на меѓусебната соработка и негување на добрососедските односи.