„Фолксваген“ ќе отпушти 35.000 работници

/ 21.12.2024

Фолксваген во договор со синдикатите најави отпуштање на повеќе од 35.000 работници во иднина и значително намалување на производниот капацитет.

Синдикалните лидери рекоа дека во моментов нема да има затворање на фабрики или отпуштања, а компанијата се откажа од барањето за намалување на платите за 10 отсто.

Договорот за суштински промени во работењето на германскиот автомобилски гигант спречува масовни штрајкови.

Лидерите на синдикатот го поздравија договорот по 70 часа преговори, најдолги во 87-годишната историја на компанијата.

Фолксваген преговара со претставниците на синдикатот од септември за мерките за кои тврди дека се неопходни за да остане конкурентен со поевтините кинески ривали, да се справи со слабата побарувачка во Европа и побавната транзиција на возачите кон електрични возила.

Во последниот месец, околу 100.000 работници веќе организираа два одделни штрајкови, најголеми во историјата на Фолксваген, во знак на протест против плановите за намалување на трошоците.

„По долги и интензивни преговори, договорот е важен сигнал за идната одржливост на брендот „Фолксваген““, изјави извршниот директор на групацијата Фолксваген, Оливер Блуме.

Од компанијата најавија дека договорот ќе овозможи заштеда од 15 милијарди евра годишно на среден рок, пренесува Bankar.me.


Од истата категорија