На пет дена до Нова Година, вчера Град Скопје објави дека ќе има прослава на плоштадот „Македонија“.

Но, што се случи со минатогодишната? Дел од оние кои ги забавуваа скопјани- останаа без пари.

Музичарите сè уште чекаат да ги добијат своите хонорари!

Пејачката Викторија Лоба, која е една од „извисените“, за КУРИР вели дека институциите треба да постапат и да го разрешат случајот. Најавува дека доколку го земе чесно заработениот хонорар, ќе го донира во хуманитарни цели.

-Од комората на музичка индустрија ме поканија да настапам со мојот бенд на 4 јануари 2024 година како и сите останати уметници за проектот „Празнична Приказна” на плоштад Македонија во организација на Град Скопје.

Дел од уметниците се покриени од спонзори, но околу од 50 музичари не се исплатени, вклучувајки ме мене и мојот бенд.

Од Комората на музичка индустрија ни објаснија дека конкурирале на конкурс со овој проект и го добиле, со буџетот кој го поднеле, кој е исто така одобрен на комисија. За да подоцна од Град Скопје да тврдат дека немаат склучен договор.

Јавно ги повикувам инстуциите да го разрешат целиот случај за да не постане пракса ваков однос, а со голема љубов и желба сме настапиле.

Очекувам институциите во вакви случаеви да не заштитат.

Се надевам правдата ќе биде задоволена, а Ви најавувам дека мојот хонорар ќе биде дониран во хуманитарни цели, вели Лоба за КУРИР.

Од Градот пак пред неколку дена посочија дека немаат склучено договор за ангажирање на музичари за прославата на 2024 година и дека обврската за организација ја презела Комората за музичка индустрија. Според нив, Комората учествувала на јавен повик, на кој се обврзала дека настанот ќе биде финансиран од повеќе извори.

На музичарите им порачаа да ги бараат средствата директно од Комората. Дополнително, најавија поднесување тужба против одговорното лице во Комората, со цел утврдување на одговорност и проверка на начинот на финансирање на активностите преку надлежните институции, како и спречување на можни злоупотреби во иднина.

Од Комората, пак, исто така најавија правна постапка за неплатените хонорари, нагласувајќи дека ќе бараат исплата на средствата преку суд.

Извор: Курир