Министерот за надворешни работи на Словенија, Миро Церар ги повика САД да го засилат своето присуство во Европа оти, во спротивно, предвидува дека голем број земји од Балканот и Источна Европа политички и економски ќе се свртат кон Кина и Русија.
Церар тоа го кажа во интервју за „Вашингтон пост“, истакнувајќи дека тоа ќе се случи ако Вашингтон не „го направи видливо своето лидерство“ во Европа.
– Ако преовладеат рускитете или кинеските интереси, ќе го изгубиме регионот, вели Церар во интервјуто за американскиот весник.
Церар минатата недела престојуваше во посета на САД каде што се состана со официјални претставници, а во интервјуто ги повика да го зголемат своето присуство во Европа, наведува словенечката агенција СТА.
– Не е доволно да имате само добра економска соработка. Ви велам, Кинезите доаѓаат во Европа. Како премиер, пет пати се состанав со кинескиот премиер Ли Кечанг и разговарав за политичките и еконосмките односи, рече Церар.
Тој истакна дека Кина нуди изградба на инфраструктура брзо и по ниски цени, што државите ги турка во долг, но тоа е премногу привлечно за да се одбие.
– Така што мислам дека е многу добро ако нашите пријатели и сојузници во САД бидат поприсутни во регионот, нагласува Церар.