Министерот Гергеј Гуљаш, задолжен за водење на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави во неделата дека меѓу организаторите и учесниците на протестот во Унгарија има лица од платниот список на американскиот милијардер Џорџ Сорос, јави агенцијата МТИ.

Како што претходно извести Ројтерс, партијата Фидес на премиерот Орбан, вчера реагирајќи на протестите соопшти дека „се е поочигледно дека учесници на протестот се криминалци кои ги организира мрежата на Сорос“.

На почетокот од месецов, владата на Орбан ја принуди приватната школа Централен Европски Универзитет да ја напушти Унгарија, по долгогодишниот судир на Орбан со американскиот милијардер со унгарско птекло, Џорџ Сорос.

Гуљаш вчера говорејќи за унгарското национално радио, ги обвини опозициските партии дека повикуваат на насилство врз полицијата со своите пораки, наведува МТИ.

Тој, како што е наведено, рече дека на протестите кои почнаа во средата полицијата делувала „правно и пропорционално“ и истакна дека е согласен со претседателот на унгарското Собрание, Ласло Ковер, кој рече дека протестите во средата беа обид за пуч.

Тој протестите во земјата ги окарактеризира пред се како „агресивна акција на малцинството“ отколку како знак за општествена побуна, наведува агенцијата. Нагласи дека владата го смета за многу важно правото на собири на сите, но истакна дека е злочин да се поттикнува насилство.

– Секој може да протестира и да се противи на владата, но напад на полицијата и фрлање димни бомби врз нејзе, истакна дека е злочин, рече Гуљаш.

Во Будимпешта и вчера се собраа неколку илјади лица да протестираат против новиот закон за труд и, како што наведуваат, авторитарното владеење на лидерот Орбан.

Протестот вчера беше со парола „Среќен Божик господине премиеру“ и е четврт по ред во последната седмица, а го организираат левичарски опозициски партии и граѓани кои се против владата на Орбан, наведува Ројтерс.