Во политиката нема ништо случајно ни наивно, ниту пак тие (ДУИ) се наивци во политиката, напротив, изјави вицепремиерот и прв човек на министерството за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во новата епизода на „Наткаст“ со Љупчо Цветановски. Ова е дел од трасираната агенда на ДУИ за дестабилизација на државата, посочува вицепремиерот, ценејќи дека интерпелацијата и политиките на ДУИ немаат никаква „блага“ врска со реалноста.

– И без оглед на се’ треба максимално сериозно да се пријде кон утрешниот ден, за да се заврши се’ на најдобар можен начин, со оглед на тоа што ова не е класична интерпелација во смисла дека тие имаат одереден број на гласови или политичка атмосфера за спроведување на некоја нивна одредена политичка програмска определба, напротив, ова  е продолжување на она што беше пред објавувањето на црната листа, а тоа е продолжување со обидот да се влијае врз населението, за да во блиска иднина се предизвика политичка дестабилизација во државата, така што од тој аспект работите се сосема чисти и јасни. И тие сеат гола омраза и се во обид да ги прикажат Албанците дека се загрозени во Македонија, како и албанскиот јазик и сето останато, ќе се обидат да направат хомогенизација кај дел од населението во државата за да можат да спроведуваат некави си нивни политики. Мојата оценка е дека ниту интерпелацијата, ниту нивните политики немаат „блага“(никаква) врска со реалноста, но да ги оставиме самите да се уверат во таквото нешто, потенцира вицепремиерот Стоилковиќ во „Наткаст“ на КУРИР.МК.