Американскиот приватен прогнозер AccuWeather соопшти дека проценетата штета и економските загуби од шумските пожари во Калифорнија, веќе еден од најлошите во историјата, надминуваат 50 милијарди долари според прелиминарните проценки.

Шумските пожари кои беснеат во Лос Анџелес од вторникот однесоа најмалку два животи, уништија стотици згради и ги исцрпија ресурсите за гаснење пожари и водоснабдување, додека силните ветрови ги отежнаа операциите за гаснење пожари и го поттикнаа ширењето на пожарот. AccuWeather, кој проценува загуби меѓу 52 и 57 милијарди долари, додаде дека сегашните проценки за загубите ќе треба да се ревидираат повисоко доколку пожарот се прошири во густо населените области, објави Ројтерс.

„Доколку во наредните денови се уништат голем број дополнителни структури, ова би можело да стане најлошиот пожар во модерната историја на Калифорнија, со оглед на бројот на уништени структури и економските загуби“, изјави главниот метеоролог на AccuWeather, Џонатан Портер.

Проценките на AccuWeather за вкупната штета и економските загуби од пожарите во Мауи во 2023 година беа помеѓу 13 и 16 милијарди долари.

Ј.П. Морган верува дека осигурените загуби од пожарот би можеле да бидат околу 10 милијарди долари, се вели во белешката на брокерот.

– Очекуваме најголемиот дел од загубите да се однесуваат на покриеноста на сопствениците на станови, додека помал дел ќе бидат поврзани со комерцијални имоти – додаваат тие.

Консултантската компанија CoreLogic проценува дека има повеќе од 456.000 домови, со вредност на реновирање од речиси 300 милијарди долари, кои се под умерен или поголем ризик во метрополитенските области на Лос Анџелес и Риверсајд.

Сепак, оваа бројка се однесува на области кои се генерално загрозени, а не пожарот што моментално ги зафаќа.