Сомнежите за епскиот криминал на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов заглавија во преписки меѓу Обвинителството и УЈП, објавува ТВ АЛФА.

Станува збор за даночни затајување, поврат на фиктивен ДДВ, шверц на брендирана роба, измислени фирми и ликови коишто со години цицале од државниот буџет преку УЈП. Се направиле милионски позајмици и од пропаднатата Еуростандард и се префрлале на фирми во Турција. Но, најверојатно ништо нема да има од ова. Се понеизвесно е дали ќе има истрага за Крмзов бидејќи УЈП во 90 % од извршените контроли не нашло злоупотреби, според инфорациите на Обвинителството за организиран криминал.

Имено, Порталот Плус инфо тврди дека Обвинителството одбива да ги прими доказите од УЈП и Царина бидејќи тие инститирале да им бидат предадени од Министерството за внатрешни работи. Обвинителството за организиран криминал ја демантира оваа информација. Тие објаснуваат дека поднеле барање до УЈП уште во септември за прибавување на докази. Со ова од УЈП делумно постапиле по барањето на Обвинителство, а материјалот допрва ќе се анализира.

Од септември до вчера, до надлежниот јавен обвинител УЈП достави еден мемориски уред (УСБ) со податоци за извршени контроли во кои во 90 % од спроведените надзори не биле евидентирани недостатоци и за кои според УЈП нема законски основ за преотворање на контролните постапки. Вчера околу 17 часот службите на УЈП за првпат доставија официјално дел од документацијата која предметниот обвинител ја побара, со што делумно е постапено по наредбите и барањата на обвинителството. Доказниот материјал допрва треба да биде предмет на анализа и на утврдување на евентуално предизвиканите штети.

Од сето погоре наведено произлегува дека наводите што се појавија во одредени медиуми за утврдените штети и за докази за финансиски малверзации, се неточни и неосновани. Јавниот обвинител во повеќе наврати бараше забрзување на постапката за прибирање и доставување на бараната документација, информира Обвинителство за организиран криминал.

Инаку, струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и кум на фамилијата Заеви е осомничен дека преку десетици фирми ја оштетил државната каса со околу 65 милиони евра. Предметот е во фаза на предистрага и прибирање докази, а ниту еден од четворицата осомничени за 65 милионскиот криминал не е во притвор. Судот само му го одзема пасошот на бизнисменот Крмзов. Експертите прашуваа зошто на осомничениот бизнисмен му е само одземен пасошот, кога луѓе за телесна повреда завршуваат во притвор. Неизвесно е дали Крмзов без пасош ќе биде спречен да влијае на сведоци и докази.