„Технолошкиот милијардер Илон Маск претставува опасност за демократијата во Европа поради неговата наклонетост кон крајната десница“, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Маск ја поддржува крајната десница насекаде во Европа, во Велика Британија, во Германија, во многу, многу други земји и тоа е нешто што е целосно неприфатливо“, рече Шолц на прес-конференција во Берлин.

„Ова го загрозува демократскиот развој на Европа, ја загрозува нашата заедница и мора да се критикува“, додаде германскиот лидер, според Политико.

Маск ја даде својата поддршка на десничарските фигури и иницијативи ширум светот, вклучително и поддршката на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) на претстојните предвремени федерални избори во земјата, закажани за 23 февруари.

Могулот на социјалните мрежи е исто така еден од најжестоките поддржувачи на Доналд Трамп, што му обезбеди место во потесниот круг на новоизбраниот претседател на САД и ја поддржа десничарската партија Реформска Британија во Британија, со шпекулации дека наскоро би можел да започне финансирање на партијата.

Шолц рече дека нема ништо против правото на Маск на слободен говор, но:

„Неговата поддршка за екстремната десница, без разлика дали е од бизнис интереси или од негови сопствени политички ставови, е неприфатливо“.

Коментарите на социјалистичкиот канцелар се најнови во серијата кавги со Маск, кој пак го нарече Шолц „будала“ и тврдеше дека ќе ги „изгуби“ германските сојузни избори.