Брод на италијанската морнарица со 49 мигранти денеска пристигна во Албанија каде ќе се обработуваат нивните барања за азил.

Италијанското Министерство за внатрешни работи не ја прецизираше националноста на мигрантите кои беа донесени во пристаништето Шенѓин, 66 километри северозападно од Тирана, но италијанските медиуми јавија дека се од Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Гамбија.

Италија склучи договор со Албанија според кој мигрантите пресретнати на море можат да бидат префрлени во Албанија додека ја чекаат одлуката за нивните барања за азил. Сепак, овој процес наиде на пречки во Италија, бидејќи италијанските судови претходно одбиваа да дозволат депортација на мигранти во Албанија, сметајќи дека земјите на потекло на мигрантите не се безбедни за нивно враќање. На крајот, највисокиот суд во Италија пресуди дека судиите не можат да одлучуваат кои земји се безбедни за депортација. Мигрантите кои ќе добијат азил ќе бидат префрлени во Италија, додека оние на кои нема да им биде одобрен азил ќе бидат депортирани од Албанија.

Договорот за преместување на барателите на азил во земја надвор од Европската унија беше поздравен во некои земји кои, како Италија, се соочуваат со висок број на миграции, но активистите за човекови права го критикуваа договорот како опасен преседан.

Фото: ЕПА