Една од првите мерки што ги презедовме по преземањето на функцијата беше ставање ред во Секторот за угостителство, во кое затекнавме безредие од сите аспекти. Нецелосна евиденција на приходи и расходи, испорачани, но ненаплатени услуги, ниски и непазарни цени, нетранспарентен избор на добавувачи, работење по неутврдени критериуми, беа само дел од недостатоците на работењето кои ги идентификувавме, соопшти Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата на Македонија.
„Во насока на усогласување со законските процедури, елиминирање на нелојалната конкуренција и отстранување на другите аномалии, првенствено почнавме со редовна наплата на услугите, а одлучивме да ги покачиме и цените во бифеата и ресторанот во републичкото Собрание и во Владата, како и на цените во бифето на Клубот на пратеници. Со оваа мерка ги елиминиравме привилегиите кои до тогаш ги уживаа избраните функционери. Нашата одлучност веќе дава резултати.
Во периодот 1.01.2024 – 1.07.2024, вкупниот приход од угостителските услуги кои ги нудиме изнесувал 73.257 денари, додека во вториот дел од годината, од 1.07.2024 – 31.12.2024, приходите пораснаа на неверојатни 1.139.245 денари, односно по примената на мерките, наплатата е зголемена за дури 1455 % во споредба со претходно.
Споредбено со истиот период, остварените приходи од владиниот ресторан во првата половина од 2024 година, изнесувале 11.620 денари, а од 1.07.2024 до крајот на годината, остварен е приход од 308.358 денари.
Зачудувачки факт е дека во дел од објектите каде СОЗР нуди угостителски услуги, во првата половина од 2024 година, воопшто не бил остварен приход. Таков е случајот со три бифеа на републичкото Собрание, бифето во Клуб на пратеници, а според извештаите, не се јадело и пиело, ниту во ресторанот во Собрание, каде ставката за остварен приход е нула денари.
Наспроти ова, од 1.07.2024 година до крајот на 2024 година, вкупниот приход во сите посочени угостителски објекти, изнесувал 638.053 денари. Во три пак владини бифеа, во првата половина од 2024 година, остварен бил вкупен приход од 15.380 денари, додека во втората половина од годината во истите објекти, остварен е приход од 61.105 денари.
Извесно е дека сето ова се должи на нашето законско работење, редовната наплата на испорачаните услуги, како и на покачувањето на цените, а не на зголемената побарувачка.
Овие бројки не се само статистика, туку јасен показател за ефективноста на нашите мерки и домаќинското работење. Несомнено дека зголемената наплата ја потврдува исправноста на нашиот пристап и ни дава уверување дека работиме во вистинска насока.
Ова е доволен доказ за нашата одлучност да создадеме систем во кој нема да има привилегирани, а ќе се применуваат цени соодветни на пазарот, што е во интерес на сите вклучени страни. Ова не е само финансиски успех, туку и доказ дека работиме одговорно и домаќински.
Во следниот период, со цел да ги заштитиме вработените од можни несакани ситуации, какви што имало во минатото и да спречиме евентуални малверзации, планираме да воведеме наплата исклучиво преку банкарска картичка.
Со овој чекор ќе го зголемиме нивото на сигурност, ќе ја елиминираме потребата за рачна наплата и ќе создаде поголема транспарентност.
Продолжуваме со нашата решителност да поставиме темели за одржлив и ефикасен модел кој ги елиминира привилегиите и ги применува пазарните цени. Планираното воведување на наплата исклучиво со банкарски картички ќе ја подобри сигурноста и транспарентноста, кое ќе гарантира стабилно и безбедно функционирање на системот во насока на домаќинско работење и кое ќе услови одржливост на Секторот за угостителство“, велат од СОЗР.