Не верувам дека менаџерите не добивале извештаи и не виделе што се случува на клиниката за Онкологија. Не верувам дека не направиле безброј консултации со надредените, со Министерство за здравство каде што има одговорни за болничка здравствена заштита, министер, заменик-министер, државен секретар – има со кого да се разговара. Да им се изнесат одредени сознанија кои ние сме ги приметиле додека работиме, но можно е ние во тој момент да не сме моќни да ги решиме. Затоа постојат тие институции, да побараме помош, контрола. Па да видиме веднаш тоа да прекине, да се санкционираат и да се продолжи како што треба според законот, стандардите и протоколите. Но тоа не е правено и ние не знаеме колку години тоа така си течело.

Ова во „Наткаст“ на КУРИР со Љупчо Цветановски го истакна доктор Андон Чибишев, директор на клиниката за Токсикологија.

-Имаше информации дека не се давале лекарства туку се давале празни инфузии. Имаше информации дека лекови се давале „под рака“, им се продавале на пациентите во маката. Јас сум верник, јас не знам како тие луѓе не се плашат од Господ. На некој на кој што животот му зависи од одреден лек, од терапија или третман, ти да го уценуваш надвор од прописите, надвор од законските одредби, да бараш дополнително да бидеш награден затоа што човекот има мака и ако треба ќе земе кредит, ќе се задолжи, сè ќе направи само да го добие лекот кој што му е потребен во моментот за да си го продолжи животот и да си го спаси животот, рече Чибишеб.