Израел ќе продолжи со интензивните борби во Појасот Газа доколку Хамас не ги ослободи сите заложници до сабота напладне, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видео изјава по четиричасовниот состанок на неговиот воен кабинет.

„Ако Хамас не ги врати нашите заложници до сабота напладне, прекинот на огнот ќе заврши, а израелската армија (ИД) ќе се врати во интензивни борби додека Хамас конечно не биде поразен“, рече Нетанјаху, според Тајмс оф Израел.

Според него, сите во израелската влада изразиле револт поради шокантната состојба на тројцата заложници кои Хамас ги ослободи минатата сабота.

Откако Хамас објави дека го одложува следното ослободување на заложниците бидејќи Израел го прекршил примирјето, Нетанјаху нареди силите на ИД да бидат распоредени во поголем број внатре во окупираната палестинска енклава и на нејзините граници, а американскиот претседател вчера побара Хамас да ги ослободи сите заложници до сабота, пренесува Танјуг.

Со поддршка на Нетанјаху, претседателот Трамп минатата недела ги повика Палестинците да се повлечат од Појасот Газа за да можат САД да ја преземат контролата врз обновата на појасот Газа разурната од војна.

Израелскиот воен кабинет соопшти дека ја поздравува „револуционерната визија на Трамп за иднината на Газа“.