Во текот на ноќта и утре претежно во планинските региони ќе има појава на слаб повремен снег, а на повисоките места во западните делови од повремен дожд кој може да замрзнува на тлото и кој ќе преминува во снег.
Како што најавуваат од УХМР, потоа ќе продолжи променливо облачно време претежно во планинските региони со услови за појава на слаб повремен дожд, а на планините со услови за слаб повремен снег. Во петок ќе засилува југоисточен ветер.
Врнежи од снег со слаб интензитет денеска се бележат на Попова Шапка и на планинскиот превој Буково, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот, информираа од Авто мото сојузот на Македонија.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
фото МИА архива