Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека станало јасно оти нема унгарска енергетска стабилност без Србија, ниту српска енергетска стабилност без Унгарија и нагласи дека заедничкиот план е да се изгради нафтовод кој ќе служи за обезбедување на енергетските ресурси.

„Тоа е цевковод долг 300 километри и мило ми е што гледам дека подготвителната работа се врши брзо. Работиме на двојно поголема количина на струја. Ова го постигнавме бидејќи претходните години работевме против ветрот“, рече Орбан на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој рече и дека притисокот врз Унгарија може да се види преку дејствувањето на невладините организации и замрзнувањето на средствата, но дека и покрај тоа се постигнати значителни резултати.

„Сега го имаме ветерот во грб и годинава ќе постигнеме нови рекорди во трговијата и интензивирање на граничните премини“, рече тој.

Тој додаде дека Србија е успешна земја, дека има пораст од девет проценти, а Унгарија успеала да го држи чекорот, односно дека е тоа пријателско натпреварување.

„Водите во економскиот раст, но ние ќе се стремиме да ги постигнеме истите резултати. Таа е една од најуспешните земји во Европа. Вие успеавте да не бидете вовлечени во воената политика бидејќи Европскиот совет често го поставува прашањето како да се изврши притисок врз Србија, но Србија не дозволи да биде вовлечена во војна“, рече Орбан.

Орбан рече и дека лично цени што Србија има надворешно-трговска размена со 40 отсто од земјите кои не се членки на ЕУ, што значи дека успеала да создаде економски односи во сите правци.