Човекот којшто преговараше и ги распродаваше мојот македонски идентитет и мојот македонски јазик има најмал кредибилитет да зборува. Оти, ако тој мене не ме почитува, тогаш не го почитува ни својот мајчин албански јазик.
Ова му го порача премиерот Христијан Мицкоски на Бујар Османи од ДУИ, кој вчера се закани дека партијата ДУИ ќе ги бојкотира локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.
-Ја слушнав изјавата на Бујар Османи и претпоставувам дека е дадена во координација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Оти, ако не е координирана, тогаш претпоставувам дека Ахмети го искарал Османи поради изјавата, затоа што нанесува непоправлива штета со таа изјава. Прво, се меша во правосудниот систем државата. Тоа е спротивно од било какви демократии коишто познава современото човештво, а уште помалку европските демократски вредности. Утрово разговарав со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој разговараше со голем дел од претставнiците на меѓународната заедница во државата и надвор од неа, а дел од нив рекоа дека и лично разговарале со претставници од ДУИ и дека ова кај нив предизвикало многу големо разочарување. Политиката се води на маса, се седнува и се разговара – рече Мицкоски.