Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека ситуацијата на фронтот во Украина е непроменета и оти верува оти повеќето европски лидери се за продолжување на војната.
Говорејќи пред новинарите за време на самитот на ЕУ во Брисел, Орбан рече дека САД јасно ставиле до знаење дека значително ќе го намалат износот на поддршката за Украина, па дури и ќе ја запрат во одредени области, па сега Европејците се мачат со прашањето дали таа земја треба да ја продолжи војната со исклучиво европска поддршка.
„Повеќето европски лидери се за продолжување на оваа војна. Украина мора да ја продолжи војната, така што Европа не само што ќе го преземе товарот што го носеше досега, туку и ќе го преземе финансискиот и воениот товар што Америка го носеше досега“, рече тој.
Орбан на социјалната мрежа Х изјави и дека „неговиот неодамнешен престој во Франција потврди дека, иако може да има несогласувања во однос на модалитетите на мирот, постои согласност дека одбранбените капацитети на европските нации мора да се зајакнат и дека тоа треба да го направат земјите-членки на ЕУ, а не бирократите од Брисел“.