Добра вест. Македонија „скокна“ 10 места на Индексот за демократија на „Економист“. Бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“, наоѓајќи се на 62 место на листата, напиша премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил.
Зад Македонија, напиша Мицкоски, се најдоа Србија, Албанија и БиХ. Србија е на 64-тото место, Албанија на 66-место, а БиХ на 88-мо место. Во 2023-та и 2022-та Македонија се наоѓаше на 72-то место на листата на еминентниот „Економист“ во однос на Индексот на листата за демократија.
– Продолжуваме заедно да работиме и да ја нормализираме државата. Македонија ќе биде повторно ваша!. објави на фејсбук Мицкоски.
А при посетата на Ѓорче Петров премиерот Мицкоски на прашањето за Извештајот за напредок од страна на Европската комисија и критиката од известувачот Томас Бајц, како ќе влијае на текстот и на заклучоците, потенцираше:
„Ние имавме со известувачот многу плоден и корисен состанок, кога беше тука. Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но мене ме радува фактот што после многу години, не сме повеќе хибриден режим, според Економист.
На 27-ми февруари излезе податок, чекав да видам дека тој податок да се пренесе, ама очигледно се пренесуваат веднаш овие вести, ама овие добрите не се пренесуваат. Македонија напредува 10 места на скалата. И сега веќе не сме хибриден режим, сега сме малку погоре, за разлика од другите земји во соседството коишто бележат опаѓање. Ај да се радуваме на овој успех. Да кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим според Економист, туку дека сме ја унапредиле демократијата. И мислам дека тоа треба и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај.“
Фото: Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски