Педесет и девет лица загинаа во големиот пожар што утрово се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, додека повредени се 155 лица, изјави пред малку министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од загинатите идентификувани 35 лица, од кои 31 се од Кочани и 4 од Штип.
„Досега се извршени разговори со 10 хоспитализирани лица, со еден член од групата ДНК. Распишана е централна потерница по четири лица. Се испитува и документацијата за дозволите на дискотеката од Министерството за економија“, изјави Тошковски.
Тој додаде дека меѓу загинатите бил и еден полицаец кој вршел контрола за евентуално откривање на дрога.
– Колега полицаец загина во пожарот во кочанската дискотека при вршење контрола за наркотици и недозволени психотропни супстанци, соопшти пред малку на прес-конференција Тошковски.
Кочанската дискотека била дел од увидите вршени во Скопје, Велес , Штип и Кочани.