Од вчера доцна попладне, екс министерот Крешник Бектеши е во полициската станица Карпош. Бил повикан на информативен разговор, но синоќа околу полноќ било наредено негово полициско задржување.

Бектеши заедно со уште 4 други екс функционери и државни службеници беше повикан на информативен разговор, а сите се задржани во полициски станици во Скопје и Тетово. Станува збор за функционери и службеници во чија надлежност се процедурите за издавање сертификати и лиценци меѓу кои и за ноќни клубови, кабареа и дискотеки. Разговорите се во рамки на истрагата за трагедијата во Кочани.

Синоќа во станицата во Карпош беше и адвокатот Еленко Миланов, кој утрово само кратко ни рече дека за време на разговорот во полиција на неговиот клиент не му било посочена никаква правна квалификација за евентуално кривично дело.