Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска за време на посетата на северниот дел на Појасот Газа изјави дека Израел ќе инсистира на постигнување на сите свои воени цели, односно уништување на палестинската милитантна група Хамас.
„Хамас ќе трпи се повеќе и повеќе удари во Газа“, рече Нетанјаху за време на посетата на северот на Газа со израелски војници, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху нагласи дека Израел, исто така, ќе инсистира Хамас да ги ослободи сите преостанати заложници.
Израелскиот премиер рече дека иранскиот врховен лидер Али Хамнеи повторно повикал на уништување на Израел додека Иран преговара со Американците за неговата нуклеарна програма.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, кој заедно со Нетанјаху ја посети Газа, рече дека Израел никогаш нема да дозволи Хамас да им се заканува на израелските граѓани и дека сегашната израелска операција врши притисок врз Хамас прво да ги ослободи преостанатите заложници.
Појасот Газа го посетија и началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-полковник Ејал Замир и началникот на јужната команда, генерал-мајор Јанив Асор. Првиот круг разговори меѓу САД и Иран започна минатиот викенд во Оман.