Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска ги посетија припадниците на 3.пешадиски баталјон во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово.

За време на посетата од страна на новиот командант на 3. пешадиски баталјон, потполковник Миле Станоевски беше извршен брифинг за ангажманот на припадниците од составот на овој баталјон во мисиите ALTHEA, KFOR, како и мултинационалните сили на НАТО во Романија и Бугарија.

Потполковникот Станоевски брифираше и за придонесот на припадниците на баталјонот во поддршка на Министерството за внатрешни работи за обезбедување на јужната граница и во спречувањето на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на Казнено-поправната установа – Идризово.

Министерство за одбрана

За време на посетата министерот Мисајловски посети и дел од објектите за кои е предвидено да се изврши нивна реконструкција со цел да се подобрат условите за работа на припадниците на Армијата.

Министерот Мисајловски при посетата нагласи дека грижата за секој припадник на Армијата е приоритет за Министерството, особено овозможувањето соодветни услови за работа, затоа што секој од нив дава свој значаен придонес за заштитата и безбедноста на граѓаните.