Словенија е мала по површина, но бескрајна по убавина. Оваа земја е како разгледница во движење – каде што секој поглед буди љубопитност, а секој чекор води кон нешто вредно за паметење. Од планини обвиени во тишина до градови полни со музика, Словенија е жив доказ дека вистинската инспирација не мора да се бара далеку – таа е тука, на дланка.
Бледското Езеро – најпознатото природно богатство на Словенија – е место каде што водата го одразува небото, а секој здив на ветрот создава нова приказна на површината. Во средината на езерото, се издига мал остров со црква која речиси митски го чува спокојот на вековите. Блед не е само туристичка дестинација, тој е симбол на словенечката душа – тивка, возвишена и одмерена.
На само неколку часа од таму, во пазувите на Јулските Алпи, се наоѓа Бохињ – мирно, кристално чисто езеро, распослано како огледало на небото. За разлика од Блед кој шепоти, Бохињ молчи – но во таа тишина човек се среќава со себе. Тука не се оди за да се фотографира, туку за да се дише длабоко, да се гледа далеку.
Триглавскиот национален парк, кој го опфаќа и Бохињ, е вистинска катедрала на природата. Планинските врвови се возвишуваат како ѕвона, водопадите ја исполнуваат шумата со звук, а езерата се како сини очи на земјата кои будно гледаат кон небото. Шумските патеки водат низ раскошни сценографии, каде што секој агол може да биде нова мисла, секој мост – нова пресвртница.
А под земја, Словенија крие едно од своите највеличествени чуда на природата – Постојинска
Јама. Со 24 километри подземни сали, сводови и мостови, со сталактити што личат на камени органи и сталагмити што се издигнуваат како чувари на минатото, оваа пештера е храм што го извајала природата во темнината. Се влегува со вовче, низ тесен тунел што отвора врата кон друг свет – свет на тишина, мистерија и зачуденост. Освен по својата убавина, Постојна е позната и по необичниот жител –„човечката риба“, ендемски водоземец што живее во целосен мрак и чие постоење потсетува дека животот наоѓа пат и таму каде што очите не гледаат. А на другата страна од земјата, словенечкото приморје ја отвора својата медитеранска душа – топла и солена. Тука Сонцето заоѓа полека, а времето тече побавно, како да знае дека убавите нешта не брзаат.
Во срцето на оваа обала се наоѓа Пиран – град кој мириса на морска сол и историја. Со своите тесни, калдрмисани улички, ѕидови обоени од векови и тераси што гледаат кон јадранското синило, Пиран е жив мозаик на венецијанско наследство. Секоја врата има приказна, секој прозорец гледа кон минатото, додека секој чекор наликува на кадар од филм што сè уште се снима.
Но вистинската тишина и внатрешниот ритам се чувствуваат неколку километри подалеку – во Сечовљанските солани, каде што морето и човекот разговараат преку солта. Овде, традицијата на рачно добивање сол се практикува речиси без промена повеќе од седум века. Работниците, сконцентрирани, тивки и трпеливи, со дрвени гребла ги собираат кристалите од површината. Процесот е бавен, прецизен и во хармонија со природата. Тоа е животна лекција за трпение, грижа и почит – не само кон природата, туку и кон самиот себе.
Сечовљанските солани се и биосферен резерват, дом на стотици видови птици, ретка флора и автентичен пејзаж што тешко се наоѓа во модерна Европа. Тука човек учи дека вистинскиот прогрес понекогаш значи да не се менува ништо – да се зачува, да се негува, да се слуша ритамот на земјата и водата.
За оние што копнеат по култура, историја и уметност, Љубљана е вистинска европска престолнина во минијатура – град со ритам на тивка елеганција и урбана содржина по човечка мерка. Градот ги спојува барокните фасади, модернистичките линии на Јоже Плечник, зелените паркови и уметничките галерии. Реката Љубљаница тече низ срцето на градот, опкружена со кејови на кои животот пулсира мирно – со книжарници, улични свирачи, изложби и кафе-разговори. Градот не наметнува големина, туку внимание – со детали, мостови, скалила и дворови што се разоткриваат нежно и полека. Љубљана не е град што се гледа одеднаш – таа се доживува со време, со почит и со љубопитност. Тоа е место каде што културата не се нуди, туку се живее – тивко, но длабоко.
Словенија ја носи убавината како своја национална идеја, секој што ќе избере да студира овде, станува дел од една хармонија на знаење, природа и култура. Покрај природните и културни вредности, Словенија нуди систем на образование кој е признат, модерен и отворен за македонските студенти. Благодарение на билатералните договори, студентите од Северна Македонија имаат можност да студираат бесплатно, на додипломски и постдипломски студии – и тоа на универзитети со европски реноме и со практична ориентираност кон реалниот свет.
Во Нова Горица – град на границата, но без ѕидови, каде што лозјата се спуштаат до прозорците, а културата е секојдневна навика – се наоѓа Факултетот за општествени применливи студии (FUDŠ) (fuds.si). Тоа е место каде што образованието не се сведува на факти, туку се гради преку дијалог со општеството. Со програми по социјален менаџмент, медиуми, новинарство, стратешки комуникации и психосоцијална поддршка, факултетот ги подготвува младите да размислуваат критички, да делуваат со одговорност и да бидат активни носители на промени. Студирањето во Нова Горица значи и да се живее во град што гледа кон Венеција а дише со винските ветрови на Горишка Брда – град каде што секој ден е ново поглавје во личниот раст и развој.
А на југ, во Ново Место, опкружен со реки и зелени ридови, се наоѓа Факултетот за информатички студии (FIŠ) (fis.unm.si) – врата кон дигиталниот свет, поставена во средина што не го заборава човечкиот контакт. Тука се изучуваат информатикаta, сајбер безбедност, науки за податоци, бизнис менаџмент и работа во дигиталното општество – дисциплини од кои зависи утрешниот свет. Со флексибилен пристап кон наставата, реални проекти во соработка со компании и можности за Еразмус+ мобилност, ФИШ е избор за оние што не сакаат само знаење – туку вештини, искуства и кариера без граници.