Властите во Киев не го почитуваа примирјето на Велигден, користејќи американски ракети ХИМАРС за напади, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Режимот во Киев не го почитуваше тоа ниту за време на Велигден. Покрај тоа, тие користеа американско оружје ХИМАРС за да го прекршат примирјето. Но, ова не е случајност, туку шема, бидејќи за време на мораториумот на нападите врз енергетскиот комплекс (украинскиот претседател Володимир) Зеленски, кој се согласи на тоа, ја таргетираше цивилната енергетска инфраструктура“, напиша таа на Телеграм, коментирајќи ја надежта на Стејт Департментот за продолжување на прекиот на огнот.

Како што претходно објави Стејт департментот, САД би сакале долгорочно решение на кризата во Украина и продолжување на прекинот на огнот надвор од крајниот рок кој истекува вечерва на полноќ.

Во пресрет на Велигден, рускиот претседател Владимир Путин на средба со началникот на Генералштабот Валериј Герасимов најави прекин на огнот на целата линија на фронтот, кој тапи на сила од 19 април во 18 часот, по московско време до вечерва на полноќ. Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека украинските војници повеќепати го прекршиле примирјето, обидувајќи се да нападнат позиции на руските војници во станбените области во регионот на Доњецк.

Во соопштението се наведува и дека вооружените сили на Украина употребиле 48 беспилотни летала, меѓу кои и еден на територијата на Крим и дека со топови и минофрлачи пукале 444 пати кон позициите на руската армија.

Володимир Зеленски, пак, рече дека Русија се преправала дека го почитува велигденскиот прекин на огнот, но всушност продолжила со стотици артилериски напади во саботата вечерта, со нови напади денеска.