Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, изрази длабока тага по повод смртта на Неговата Светост, папата Франциск, нарекувајќи го духовен водач кој остави неизмерно хуман, чесен и посветен траг во историјата на современиот свет.

„Неговата порака за мир, солидарност, грижа за најранливите и дијалог меѓу народите беше светлина за милиони луѓе, без разлика на верата или нацијата. Беше глас на совеста во време на глобални предизвици и неизмерен пример за човечност и морална храброст,“ се вели во изјавата на премиерот.

Тој посочи дека папата Франциск низ годините постојано ја изразувал својата поддршка за Македонија, за нејзините напори за мир, соживот и почитување на различностите. „Неговите зборови секогаш охрабруваа, а неговиот однос кон нашиот народ беше исполнет со топлина и почит,“ додаде премиерот Мицкоски.

Во свое лично име, во име на Владата и на сите граѓани, премиерот упати најискрено сочувство до Ватикан, Католичката црква и сите верници кои денес тагуваат.

„Вечна му слава и благодарност,“ заврши тој.