Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека верува оти Русија е подготвена да стави крај на војната, додавајќи: „Мораме да постигнеме договор со Зеленски“.

Трамп оваа изјава ја даде од Овалната соба за време на потпишувањето на извршните наредби. Набргу потоа покажа поголем оптимизам, велејќи: „Мислам дека имаме договор со двете страни“ и додаде: „Се надевам дека ќе го направат тоа“.

На прашањето на новинарите за можна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, прва по судирот на двајцата лидери за време на бурниот состанок во Белата куќа, Трамп одговори дека се уште не знае дали тоа ќе се случи. Двајцата претседатели ќе присуствуваат на погребот на папата Франциск в сабота во Рим.

Трамп најави и дека наскоро би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, по неговата планирана посета на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати. На прашањето дали средбата ќе се одржи веќе во Саудиска Арабија, тој одговори: „Можно е, но веројатно не. Мислам дека ќе се сретнеме наскоро потоа“.

Саудиска Арабија моментално е домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина за можен прекин на огнот.

Патувањето на Трамп на Блискиот Исток, планирано од 13 до 16 мај, ќе биде негово второ патување во странство овој мандат, по викендот во Рим каде што ќе присуствува на погребот на папата.

Фото: МИА архива