Реагирав преку социјалните мрежи бидејќи се чувствував злоупотребен од ССМ. Апелирав Синдикатот за култура на РМ да ја преиспита соработката со ССМ поради пораките кои на вчерашниот протест беа упатени како да се од гласноговорници на опозицијата.
Ова во изјава за Курир го вели Васко Јолески, претседател на СО при НУ Музеј Др. Никола Незлобински и член на Советот на СКРМ, кој вчера беше отстранет од група за комуникација на СКРМ со само 14 гласа од 69 членови во групата.
Јолески вели дека ваквата негова објава предизивикала брза реакција на советот на СКРМ, отстранување од комуникациска група, а смета дека по ова следува и негово исклучување од Синдикатот.
-Ќе се поведе дисциплинска постапка против мене за исклучување од Синдикатот на култрата. Велат дека во мојата објава сум го злоупотребил логото на СКРМ, што не е точно. Јас говорев во мое лично име, а не во име на СКРМ. СКРМ го повикав на преиспитување на одлуката. Лично се почувствував злоупотребен на протестот од ССМ, а не е првпат ССМ да злоупотребува. Два-три члена ја поддржаа претседателката на СКРМ да се покрене иницијатива да бидам исклучен од групата за комуникација, вели Јолески.
Тој додава дека ваквата постапка на СКРМ, отстранување на неистомислениците, наликува на постапките на партијата Левица, која како што вели, така ги исклучувала членовите од партијата кои не мислеле исто како раководството.
-За жал, од еден од најдобрите синдикати се претвораме во политичка партија како Левица. Се угушува мислењето, волјата на членовите и желбата за синдикалност, смета Јолески.
За тоа дали добил поддршка од некој од колегите, одговора потврдно.
-Иако се се’ случи доцна вчеравечер, има членови на синдикатот кои сметаат дека ваквата постапка против мене не е во ред, но се чувствуваат немоќно, објаснува Јолески.