Католичките активисти денеска запалија факел во Рим, испуштајќи розов чад, барајќи на жените да им се дозволи да бидат ракоположени во Римокатоличката црква, додека во тек е конклавата за избор на 267-миот папа.
„Им кажуваме на кардиналите дека не можете да продолжите да игнорирате 50 проценти од католичкото население, не можете да влегувате во заклучена соба и да разговарате за иднината на Црквата без половина од Црквата“, рече активистката Миријам Дуињан.
Таа рече дека следниот папа мора да биде „доволно храбар“ за да се справи со прашањето за поголема вклученост на жените во Црквата.
Папата Франциск ја подобри положбата на жените во Црквата, но критичарите велат дека не е направено доволно, бидејќи на жените сè уште не им е дозволено да бидат свештеници.
Претходно денес, во Систинската капела во Ватикан започна конклавата за избор на 267-миот поглавар на Римокатоличката црква, на која учествуваа 133 кардинали.
Се очекува првото и единствено гласање денеска да биде завршено по 19 часот.
Претходните два конклави, во 2005 и 2013 година, траеја само два дена.
Папата Франциск беше избран на конклава во 2013 година по дводневно гласање, а почина на 21 април на 89-годишна возраст и беше погребан во римската базилика Санта Марија Маџоре.