Прекинот на огнот по повод 80-годишнината од Денот на победата во Втората светска војна, прогласен од рускиот претседател Владимир Путин, стапи на сила на полноќ по московско време, соопшти Кремљ.
„Русија, од хуманитарни причини, прогласува прекин на огнот во деновите на 80-годишнината од Победата од полноќ помеѓу 7 и 8 мај до полноќ помеѓу 10 и 11 мај“, се вели во соопштението, пренесе РИА Новости.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека целта на ова примирје, како и она за време на велигденските празници, е да се тестира подготвеноста на Киев да најде начини за долгорочен одржлив мир меѓу Русија и Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денес изјави дека Украина стои зад својот предлог за 30-дневен прекин на огнот со Русија, иако Москва не одговорила на понудата.
Тој додаде дека „апсолутно е фер што руското небо, небото на агресорот, денес не е мирно“, со што признава дека Украина извршува напади со беспилотни летала врз цели на територијата на Руската Федерација.