Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го поздрави многу јасниот повик за безусловно 30-дневно примирје во Украина упатен од неговиот американски колега Доналд Трамп, додавајќи дека сите мора да работат без одложување за да се постигне таа цел.

„Украина се согласи на ваков вид прекин на огнот пред два месеци. Сега очекувам и Русија да го стори истото“, објави Макрон на платформата X.

Тој додаде дека доколку тоа не се случи, Франција, заедно со сите Европејци и во тесна соработка со САД, ќе биде подготвена решително да реагира, објави „Фигаро“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повика на 30-дневен безусловно примирје и рече дека разговорите со Русија и Украина продолжуваат.

Тој најави дополнителни санкции доколку не се почитува прекинот на огнот.

„Доколку прекинот на огнот не се почитува, САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции. Илјадници млади војници умираат секоја недела и сите треба да сакаат ова да престане. Јас сакам, а САД сакаат тоа да престане“, нагласи американскиот лидер.

Тој додаде дека, како претседател, ќе остане „посветен на обезбедување мир меѓу Русија и Украина, заедно со Европејците“ и дека тоа ќе биде траен мир. Тој, исто така, нагласи дека ова прекин на огнот на крајот мора да доведе до мировен договор.

„Сето ова може да се направи многу брзо, а јас ќе бидам достапен во секое време доколку се потребни моите услуги“, рече Трамп, пренесува Танјуг.