Специјалниот претставник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изјави дека претседателот Доналд Трамп ѝ дава приоритет на дипломатијата пред воената интервенција кога дипломатијата е достапна како опција за решавање на конфликти.

Во интервју за „Брајтбарт њуз“, Виткоф остро ги отфрли неодамнешните критики во овој поглед, тврдејќи дека во многу случаи, многу од критичарите не сакаат преговорите со Украина и Русија да успеат бидејќи, како што изјави, „многу од нив претпочитаат војна пред мир“.

„Трамп верува во мир преку сила, што во суштина значи дека прибегнувањето кон насилство и војна не е нужно во најдобар интерес на земјата и не е нужно најдобриот начин за постигнување прекин на огнот, примирја, траен мир – како и да сакаме да го наречеме. Тој е лидер на суперсила, најмоќната нација во светот и, ако сакаше, можеше да употреби воена сила насекаде, но едноставно не мисли дека тоа е продуктивно во многу околности“, истакна Виткоф.

Според него, дијалогот и дипломатијата се патот што Трамп сака да го следи во секоја можност, бидејќи ако може мирно да се постигне успешно решение кое е во најдобар интерес на Соединетите Американски Држави, тоа е, како што изјави, „подобар рецепт за решавање на некои од овие светски проблеми со кои се соочуваме“.

Виткоф изјави дека тој и Трамп се блиски пријатели отсекогаш.

„Го нарекувам тоа благослов во мојот живот. Навистина е, бидејќи тој е инспирација за мене на толку многу начини. Пред да биде избран, беше прогонуван – четири одделни судења што ги сметав за гнасни… Разговаравме за Блискиот Исток и така дојде до ова. Секако не ги разбирав димензиите на тоа, но сега разбирам – оваа неверојатна одговорност. Но, работењето за него е неверојатна работа бидејќи тој ја поставува масата за луѓе како мене“, рече специјалниот претставник на САД.