Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Унгарија сака христијанска Европа бидејќи верува дека само како таква има иднина и рече дека земјата ќе се брани од обидите за нејзина дискредитација.
„Христијанството е културата и цивилизацијата во кои живееме: културата е секојдневна реалност. Христијанската култура ни помага да се снајдеме во противречностите на животот: таа го дефинира нашиот пристап кон меѓучовечките односи, вклучувајќи го и односот меѓу мажите и жените, како и кон семејството, успехот, работата и чесноста“, рече Орбан.
Тој истакна дека Унгарците се Европејци и христијани, па затоа не можат да го игнорираат фактот дека темелите на европскиот живот во моментов се под закана.
„Тие сакаат да бидеме она што не сме и да станеме она што не сакаме да станеме. Тие сакаат да се мешаме со луѓе кои дошле од други светови, да ги измешаме традиционалните родови улоги, па дури и би нè вовлекле во губитничка војна. Наместо редот на создавањето, во сите правци се појавуваат конфузија и мешање на нештата, знаци на нова анархија, нов Вавилон“, додаде тој.
Орбан рече дека е болно да се види дека воената психоза ја заразила Европа.
„Кампањите за дискредитирање на Унгарија нема да останат незабележани, Унгарија ќе се заштити себеси“, рече унгарскиот премиер.
Орбан на Фејсбук изјави дека Унгарците моментално донесуваат одлука за пристапувањето на Украина во Европската Унија. „Ниту Брисел ниту Киев не го сакаат ова. Затоа се започнати кампањи за дискредитирање на Унгарија“, истакна тој. Како што истакна тој, Унгарија ќе се заштити и ќе преземе потребни чекори.