На поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој на 9 мај беше почесен гостин на свечената академска церемонија на Универзитетот „Намик Кемал“ во Текирдаг во Турција, му беше доделена титулата Почесен доктор на науки – Doctor Honoris Causa. Оваа титула му е доделена како израз на признание за неговиот истакнат придонес во научниот развој, унапредувањето на интеркултурниот дијалог и зацврстувањето на регионалната соработка, како и за неговиот ангажман во промоцијата на вредностите на разбирањето, соживотот и мирот меѓу балканските народи.
Исто така, особено беа истакнати неговите јавни и научни заложби за афирмација на балканскиот идентитет и мултикултурното живеење.
Сенатот на Универзитетот ја донесе одлуката за доделување на ова високо признание по учеството на Иванов на Првиот меѓународен балкански симпозиум, одржан на 19 декември 2024 година на истиот универзитет. Симпозиумот беше посветен на темата „Културата на соживот на Балканот за време на Отоманскиот период“, каде што претседателот Иванов го отвори настанот со говор кој доби предизвика висок интерес кај академската заедница и присутните гости.
Како што соопштија од Кабинет на Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, тој во своето обраќање на денешната церемонија изразил благодарност за укажаната чест и нагласил дека академската соработка и негувањето на историското паметење се клучни елементи за изградба на заедничка иднина на Балканот, заснована врз доверба, почитување и солидарност.
Во рамките на 28. Евроазиски економски самит во Истанбул, организиран од Фондацијата Мармара, што се одржа на 7 и 8 мај 2025 година, Иванов се обратил на сесијата „Дијалог на глобалните лидери“, посветена на темата „Мирни решенија, обновување на мирот“, на која се обратиле и поранешни претседатели од повеќе држави, како Албанија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Молдавија, Романија, Чешка, кои споделиле свои размислувања и визии за иднината на мирот и безбедноста во светот.
Во своето обраќање, Иванов нагласил дека по 80 години од крајот на Втората светска војна, светот сè уште се соочува со војни, нееднаквост и нови форми на закани. Тој потсети дека победниците од Втората светска војна ветиле нов свет на мир и просперитет, но истакна дека денес, и покрај технолошкиот напредок и економскиот раст, светот е сè уште далеку од исполнување на тие идеали.
-Мирот не е само отсуство на војна – тоа е присуство на правда, слобода и достоинство. Тоа е наша заедничка одговорност, нагласи Иванов, повикувајќи на проширување на заветот „Никогаш повеќе“ – не само за да нема војни, туку и да нема сиромаштија, неправда и страв.
Од 2009 година претседателот Иванов традиционално учествува на речиси сите Евроазиски економски самити на фондацијата Мармара, кој како годишен настан редовно собира голем број политички лидери, претставници на меѓународни организации, академска заедница, бизнис заедница, како и граѓанскиот сектор од регионот, од Европа и Евроазија и пошироко. Претседателот Иванов оствари повеќе средби и разговори со дел од учесниците на самитот.
Фото: Кабинет на Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов