Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека е изненадувачки што оние што се сметаат за најголеми демократи се противат на референдум за воведување на еврото од 1 јануари 2026 година.
Во денешна објава на Фејсбук, тој нагласи дека пратениците треба да ги исполнат обврските не само кон еврозоната, туку и кон демократијата и бугарскиот народ. Радев го критикуваше отфрлањето на неговиот предлог за референдум со прашањето: „Дали сте согласни еврото да се воведе од 1 јануари 2026 година?“, наместо да се усвои парламентарна декларација за датумот.
Во петокот, Радев најави дека ќе поднесе предлог за национален референдум, што наиде на остра реакција од ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ и ДПС-Ново начало, но беше поддржано од партиите „Преродба“, „Величина“, ИТН и МЕЧ. Вчера, тој појасни дека не е против еврото, туку против предложениот датум, со цел граѓаните да бидат подобро подготвени. (МИА)