Украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласи на разговори во Турција во четврток, 15 мај, но само лично со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој го објави ова на Телеграм кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Украина веднаш да го прифати предлогот на Путин за разговори со Русија.
Во исто време, Зеленски не се откажа од претходно предложениот договор за прекин на огнот од 12 мај, објави УНИАН.
„Очекуваме прекин на огнот од утре – целосно и долгорочно, со цел да се обезбеди потребната основа за дипломатија. Нема смисла да се продолжуваат убиствата. И ќе го чекам Путин во четврток во Турција. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат причини зошто не можат“, напиша украинскиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Украина треба да се согласи со предлогот на рускиот претседател Владимир Путин и веднаш да се согласи на разговори со Русија во четврток за евентуален крај на војната.
„Претседателот Путин на Русија не сака договор за прекин на огнот со Украина, но сака да се сретне во Турција во четврток за да преговара за евентуален крај на КРВОПРОЛЕВАЊЕТО. Украина треба да се согласи на тоа, СЕГА“, напиша Трамп на Truth Social.
Рускиот претседател Владимир Путин рано утрово предложи продолжување на директните преговори со Украина во Истанбул на 15 мај, без предуслови.