Комитетот за национални малцинства, орган на албанската влада, во првиот повик за годинава, на големо разочарување на друштвата на Македонците во Република Албанија не прифати ниту еден проект предложен од нив, реагира Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
– Остро реагираме за несовесниот и крајно дискриминаторски однос на Комитетот за национални малцинства кој одлучи да не подржи ниту еден проект предложен од друштвата на Македонците во Република Албанија. Македонските друштва на конкурсот аплицираа со проекти што се од исклучително значење за Македонците во Република Албанија, стои во реакцијата на друштвото.
Се додава дека Македонците имаат потреба од финансиска поддршка на проектите од страна на Комитетот за национални малцинства кои се однесуваат на негување на традициите на Македонците кои живеат во Република Албанија.
– Во овој случај, Комитетот за национални малцинства покажува дека само декларативно се залага за националните малцинства во земјата и за жал Македонците беа само бројка во апликациите кои беа испратени на конкурсот, стои во реакцијата, потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и Фатри Фетаху, координатор за областа Голо Брдо.
Ѓурѓај за МИА изјави дека друштвото, на повикот се пријавило со проект „Фотоалбум со историски документи“.
Фото: МИА архива