Поранешниот шеф на мисијата на Македонија при ОН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, наместен таму од СДСМ откако претходно САД јавно и јасно го одбија како предлог за амбасадор на РМ во Вашингтон, јавно се огласи зборувајќи за себе во ТРЕТО ЛИЦЕ ЕДНИНА по повод пријавата – не на МНР ко што вели тој, туку од Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал која до ОЈО Скопје поднесе пријава за проневерени 116 илјади долари, сторени дузина криминали и прекршоци.

„Власта и Министерството за надворешни работи направило срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за проф. Љубомир Фрчкоски и неговата функција Амбасадор при ООН во Њујорк – за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта. После голема пауза на проценка дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување“, вака пишува САМ ЗА СЕБЕ Љубомир Фрчковски во писмото до медиумите.

Во писмото во кое  во самоодбрана луцидно зборува сам за себе во трето лице еднина, копирајќи го лидерот му Зоран Заев, кој нон-стоп милуваше да зборува за Зоран Заев, Фрчкоски не кажа што мисли за Фрчкоски Јуниор кој беше фатен како употребува кокаин во просториите на ПУИК, чин кој синот му, сепак, имаше доблест да го признае и да даде оставка на функцијата Главен аналитичар во СДСМ. Неговиот татко, пак, за разлика од синот консумент на наркотици (акт кој самиот го призна како грешка од младоста), нема доблест да ги признае сопствените недела, коментираат граѓаните на социјалните мрежи…

Инаку, на 12.05.2025 Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Д.Ф. (67), К.Г. (37), Ј.И. (64) и И.С. (41), сите од Скопје, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.

Пријавениот Љ.Д.Ф. во својство на службено лице – Шеф на Постојаната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што постапил спротивно на Инструкција од Министерството за надворешни работи и Мислење од Министерство за финансии. Љ.Д.Ф. од уплатените парични средства во вкупен износ од 3.998.721,72 американски долари на сметката на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк по однос на заедничката продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на буџетот на РСМ уплатил парични средства во износ од 3.940.000,00 американски долари, односно преостанатите парични средства на сметката на ПМ на РСМ во Њујорк во износ од 58.721,72 американски долари од продажбата на сукцесискиот имот не ги уплатил на сметка на буџетот на РСМ. Овие средства, незаконски и ненаменски ги потрошил и постапил спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење, Упатството за водење на финансиското и материјалното работење, Правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци и Интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки. Покрај ненаменски потрошените 58.721,72 американски долари од продажба на имот, истиот со незаконското и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон, нерасчистено салдо во касата на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк, направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства, подигнати парични средства од касата на ПМ за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР, причинил материјална штета во износ од 57.855,18 американски долари.

Пријавените К.Г., Ј.И. и И.С.– во својство на сметкополагачи во ПМ на РСМ при ООН во Њујорк во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување. Тие иако биле должни согласно законските прописи да ракуваат со одобрените средства и туѓите средства, да ја проверуваат сметководствената точност на документот врз чија основа се издаваат налози за исплата, да изготвуваат точно и ажурно извештаи за финансиско и материјално работење на претставништвото и нивно навремено доставување до МНР, да учествуваат во составување на предлог годишниот финансиски план и негово следење при извршувањето, да вршат други работи од финансиско-материјалното работење по барање на МНР, да преземаат соодветни мерки за наменско и законско користење на средствата на претставништвото, да вршат контрола на приходите од конзуларни услуги во претставништвото и да вршат усогласување на состојбата на паричните средства на жиро сметката и благајната на крајот на секој месец, со неизвршување на своите службени должности противзаконски му исплаќале парични средства од благајната, вршеле плаќања од банкарската сметка на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк и не ги евидентирале неправилностите направени од страна на пријавениот Љ.Д.Ф. во однос на располагањето со финансиските средства. Со наведените дејствија пријавените Љ.Д.Ф., К.Г., Ј.И. и И.С. причиниле штета на буџетот на РСМ во вкупен износ од 116.576,9 американски долари.