Почина поранешниот претседател на Уругвај, Хосе „Пепе“ Мухика (89), култна фигура поради неговиот скромен начин на живот, откако ја загуби битката со ракот, соопшти владата во Монтевидео.

„Со длабока тага, објавуваме дека почина нашиот другар Пепе Мухика. Претседател, активист, водич и лидер. Многу ќе ни недостигаш, стар пријателе“, рече актуелниот лидер на земјата, Јаманду Орси, на X.

Поранешниот герилец некогаш беше познат како „најсиромашниот претседател“ во светот затоа што даваше поголем дел од својата плата и возеше стар Фолксваген Буба додека беше на функција од 2010 до 2015 година.

Тој, исто така, доби меѓународна поддршка поради неговиот цврст антиконзумеристички став.

За време на неговиот мандат, Уругвај донесе голем број прогресивни закони.