Заминувањето на Арбен Таравари во опозиција нема да влијае на работа на Владата, а испораката на проектите ветени пред граѓаните продолжуваат, смета пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов.

-Во текот на вчерашниот ден, Алијанса за Албанците, дел од коалицијата Вреди кои се коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, како предводник на сегашната Влада, донесоа одлука да излезат од Владата, но граѓаните можат да бидат мирни бидејќи владата и парламентарното мнозинство кое е предводено од ВМРО-ДПМНЕ е стабилно. Имаме огромно мнозинство во парламентот. Пред се’ фокусот на оваа Влада ќе биде на реформската агенда и испораката на проектите кои ги ветивме пред граѓаните на парламентарните избори. Не сум сигурен дека е целокупното раководство, но дел од раководството се одлучиле да излезат од владата и за жал можам да констатирам дека ќе се вратат во прегратките на ДУИ. Сепак да оставиме времето да покаже, во октомври имаме локални избори и самите резултати ќе покажат дали биле во право или не со оваа одлука, вели пратеникот за Курир.

Иванов не очекува промени во однос на парламентарното мнозинство.

-Парламентарното мнозинство е стабилно. На почетокот на мандатот на оваа влада се започна со реформската агенда. Измените и дополнувањата на Законот за организација на органите на државна управа. Тој закон помина со дветретини во парламентот. Владата е стабилна, стабилно е парламентарното мнозинство и граѓаните можат да бидат мирни во тој дел. Фокусирани сме, ќе повторам, на реформската агенда и испорака на проектите кои ќе додадат вредност во Република Македонија и кои ќе го олеснат функционирањето на сите граѓани во државата и ќе доведат до економски раст во Македонија, додава пратеникот.

За темата инфраструктура и вложувањата на истата, Иванов вели дека покрај инвестициите во патната и железничката инфраструктура, големи инвестирања ќе има и во здравството.

-Сите сме сведоци дека оваа година, машините се вратија на инфраструктурните проекти во Македонија. Се градат инфраструктура и патна инфраструктура, меѓутоа во најава е дека ќе имаме огромни инвестиции и во железничката инфраструктура. До постоечката ќе има и паралелна железничка пруга. Две паралелни железнички линии, едната ќе биде карго линија, а другата за превоз на патници. Современи согласно потребите на државата, бројот на населението. Ќе бидат инвестирани многу средства во инфраструктурата. Да напоменам и дека се предвидуваат инвестиции и во секторот здравство. Доаѓам од Штип како пратеник и можам да констатирам, за жал, дека Клиничката болница која е започната да се гради во 2016 година, имаше застој во градбата во овие 7 години. Очекувам во текот на овој месец да имаме добри вести за граѓаните од Истокот, и конечно да отпочне доизградбата на Клиничкиот центар. Инвестициите освен во патната и железничката инфраструктура, ќе ги имаме и во секторот здравство кој е важен сегмент во функционирање на државата, истакнува Иванов.

Локално пак, во градот на Ацо Шопов, од каде доаѓа пратеникот се реализираат голем број капитални проекти. Но, се работи и на инвестирања.

-Во овие три години многу се направи во Општината Штип. Штип во овој момент е градилиште. Штип е административен центар во Истокот. Во моментов во Штип, согласно првиот повик за проекти од унгарскиот кредит, за 2024 година општината успеа да обезбеди два милиони евра за еден проекти кој ние го нарекуваме обиколница. Од влезот на општина Штип која го заобоколува централното подрачје и се излегува на излезот од Штип кон Радовиш и Струмица. Тоа е капитален проект кој веќе е трасиран патот, интензивно се работи на самата обиколница и всушност со тој проект ќе успееме да додадеме вредност на Штип затоа што ќе се овозможи да се инвестира, да има проекти од домување, од лесна индустрија кои ќе овозможат развој на градот во тој дел. Дополнително за 2025 година, општината аплицира со шест нови проекти во вредност од околу 6 милиони евра. Само за оваа година, од парламентарните избори до сега, ќе се инвестира во Општина Штип во капитални проекти со износ од околу 8 милиони евра. Тоа е инвестиција која општината не ја памети од плурализмот во Македонија. Тука ќе се инвестира во булеварско решение од влезот од Скопје, голем кружен тек на булеварот „Партизанска“, ќе се инвестира во SCADA систем во ЈП за водоводната мрежа кој е проблем со кој ние штипјани се соочуваме, за квалитетот на водата и за загубите на водата кои ги има во водоводната мрежа и проект кој го најавуваме со гордост, тоа е реставрација на тврдината Исар. Веќе е обезбедено конзерваторското решение за градба и ќе се отпочне со реализација, а туристичката карта на Македонија ќе биде збогатена со една тврдина од средниот век која ќе биде реконструирана, вели пратеникот.

Во однос на претстојните локални избори, пратеникот од третата изборна единица, очекува историски најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

-ВМРО-ДПМНЕ како партија веќе започна со процес на избор на кандидати за градоначалници и на можни кандидати за советници во советите на општините. Во една транспарентна постапка започнавме избор на можни кандидати за советници кои секако ќе произлегуваат од месните комитети. Се прават состаноци, се прават анкети и за досегашните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Јас сум сигурен дека бројот на градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе ги предводат општините во наредните четири години ќе се зголеми, а ќе се зголеми и бројот на советници во општинските совети. Конкретно во Општина Штип, сум сигурен дека досегашниот градоначалник поради неговата посветеност и одговорност, ќе добие можност за уште еден мандат и се надевам дека бројот на советници ќе биде зголемен од досегашните 13, со кои ВМРО-ДПМНЕ, има мнозинство во советот, на минимум со уште еден советник. Победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на овие локални избори ќе биде историски можеби и најголема победа од плурализмот во Македонија за овие 30 години, смета Иванов.