Во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати, имав чест да учествувам на Светскиот полициски самит во Дубаи – глобална платформа за безбедносна соработка, технолошки иновации и иднината во полициското работење, која обединува полициски лидери и експерти од над 100 држави, објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„На самитот имав можност да имам свое обраќање, во кое дадов осврт на улогата на Македонија како стратешки позиционирана држава на Балканот – мала по димензии, но голема по значење кога станува збор за регионалната стабилност и европската безбедност. Говорев за нашите искуства со управувањето со мигрантската криза, справувањето со трговијата со дрога и организираниот криминал, како и за нашата оперативна соработка со НАТО, ЕУ и другите меѓународни партнери. Истакнав дека Македонија, и покрај ограничените ресурси, покажа способност да даде реален и мерлив придонес во справување со транснационални безбедносни закани“, додаде Тошковски.

-На маргините на самитот остварив значајна билатерална средба со шефот на Полицијата на Дубаи, Абдула Калифа Ал Мари, на која се заблагодарив за можноста нашата држава да биде дел од ваков стратешки форум. Договоривме интензивирање на соработката на техничко ниво помеѓу двете институции, со акцент на размена на знаење и искуства, особено во делот на дигиталната трансформација и имплементацијата на алатки базирани на вештачка интелигенција во полициското работење, истакна Тошковски.

Учеството на ваков самит не е симболично, тоа е реална можност за вмрежување со колеги од цел свет, за споделување добри практики и креирање партнерства кои водат до поефикасни, побрзи и покоординирани одговори на современите безбедносни предизвици.

Македонија останува посветен и одговорен актер во справувањето со безбедносните предизвици од меѓународен карактер, со јасна определба за продлабочување на меѓународната соработка и примена на иновативни алатки во насока на унапредување на безбедноста на државата и граѓаните, потенцира во објавата министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски..