Девет земји од Европската Унија денеска ја повикаа Европската комисија да излезе со предлози за тоа како да се стави крај на трговијата на ЕУ со израелските населби на Западниот Брег, според писмото до кое увид имал Ројтерс.
Писмото, упатено до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, го потпишаа министрите за надворешни работи на Белгија, Финска, Ирска, Луксембург, Полска, Португалија, Словенија, Шпанија и Шведска.
Министрите посочија на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од јули 2024 година, во кое се наведува дека израелската окупација на палестинските територии и населби таму е нелегална, објави „Тајмс оф Израел“.
Беше наведено дека државите треба да преземат чекори за да спречат трговски или инвестициски односи што придонесуваат за одржување на ситуацијата.
„Не видовме предлог за започнување дискусии за тоа како ефикасно да се прекине трговијата со стоки и услуги со нелегални населби. Потребно ни е Европската комисија да развие предлози за конкретни мерки за да се осигури дека Унијата ги почитува обврските утврдени од Судот“, напишаа министрите.
Израелската дипломатска мисија при ЕУ не одговори на барањето за коментар.
ЕУ е најголемиот трговски партнер на Израел, сочинувајќи околу една третина од вкупната трговија со стока. Двонасочната трговија со стока меѓу блокот и Израел изнесуваше 42,6 милијарди евра минатата година, иако не е јасно колку од таа трговија вклучуваше населби.