Американскиот претседател Доналд Трамп и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обидоа да договорат состанок на високи американски и ирански претставници во Истанбул оваа недела, во услови на ескалација на војната меѓу Израел и Иран, но обидот не успеа кога не можеше да се контактира со врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, кој се крие во бункер, за да го одобри состанокот, објави американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на тројца неименувани американски претставници и еден добро информиран извор.
Изворите велат дека Трамп инсистирал на директна средба со Иранците, па дури и понудил и самиот да присуствува, доколку е потребно, со надеж дека ќе постигне договор за нуклеарната програма на Иран и ќе избегне воена интервенција на САД.
Тие додаваат дека Трамп и високите претставници на Белата куќа сега се помалку уверени дека е можно дипломатско решение и дека постои поголема веројатност САД да мора да се вклучат во војна за да ја елиминираат нуклеарната програма на Иран.
Трамп во четврток изјави дека во следните две недели ќе донесе одлука дали САД ќе му се придружат на Израел во војна против Иран.